Елизабета Втора изјави дека е инспирирана од добрата волја на нацијата откако почнаа прославите на нејзиниот платинест јубилеј, односно 70-годишнината од доаѓањето на британскиот престол. Таа ѝ се заблагодари на јавноста за организираните настани, додека милиони луѓе излегуваат на улиците за да го слават најдолговечниот монарх во историјата на Велика Британија. Платинестиот јубилеј ќе се одбележува со низа настани до недела, за време на четиридневниот празник.
„Продолжувам да се инспирирам од добрата волја што ми се искажува и се надевам дека наредните денови ќе овозможат да се осврнеме на сето она што беше постигнато во изминатите 70 години, додека гледаме кон иднината со ентузијазам и доверба“, стои во пораката на 96-годишната кралица.
На традиционалната парада за официјалниот роденден на кралицата ќе учествуваат над 1.500 војници и 350 коњи. Се очекува таа да му се придружи на семејството и да ја проследи парадата од балконот на Бакингамската палата.
Ова е првпат Британија да одбележува платинест јубилеј. Елизабета Втора владее повеќе од четворицата свои претходници заедно и за тој период се сменија 14-мина британски премиери и исто толку американски претседатели.
Кралицата Викторија владееше 63 години, а во светски рамки, рекордер е францускиот крал Луј Четиринаесетти, кој бил на тронот 72 години.