Млада мексиканска инфлуенсерка на социјалните мрежи, позната по своите видеа за убавина и шминка, беше смртно застрелана за време на пренос во живо на ТикТок, во инцидент што предизвика шок во земјата која се соочува со високи нивоа на родово базирано насилство. Смртта на Валерија Маркез (23) се истражува според протоколите за фемицид – убиство на жени или девојки поради полови причини – се вели во соопштението на државниот обвинител на областа Халиско.
Фемицидот може да вклучува понижувачко насилство, сексуална злоупотреба, врска со убиецот или изложување на телото на жртвата на јавен простор, според мексиканските власти.
Маркез е убиена на 13 мај во козметичкиот салон во кој работела во градот Запопан од маж кој влегол внатре и пукал во неа, се вели во соопштението. Обвинителството не именуваше осомничен.
Неколку секунди пред инцидентот, Маркез се гледа во нејзиниот пренос во живо на ТикТок како седи на маса, држејќи мека играчка. Се слуша како вели „тие доаѓаат“, пред некој глас во позадина да праша „Еј, добро е? „Да“, одговори Маркез, непосредно пред да го исклучи звукот на преносот во живо. Неколку моменти подоцна е смртно застрелана. Едно лице се појавува да го земе нејзиниот телефон, и лицето накратко се покажува на преносот во живо пред да заврши видеото.
Маркез, која имаше скоро 200.000 следбеници на Инстаграм и ТикТок, претходно на преносот во живо рече дека некој дошол во салонот кога таа не била таму со „скап подарок“ да ѝ го достави. Маркез, која изгледаше загрижена, рече дека не планира да чека лицето да се врати.
Мексико заедно со Парагвај, Уругвај и Боливија се земји со четврта највисока стапка на фемицид во Латинска Америка и Карибите, според најновите податоци на Економската комисија на Обединетите нации за Латинска Америка и Карибите, со 1,3 такви смртни случаи на секои 100.000 жени во 2023.