Министерката за животна средина на Мексико беше принудена да поднесе оставка откако предизвикала 38-минутно доцнење на лет, што било во спротивност со ветувањата на актуелниот претседател дека ќе владее во интерес на народот.
Хосефа Гонсалес Бланко требало да лета од Мексико Сити кон Мексикали на американската граница, но од непознати причини не можела да дојде на аеродромот на време. Според претседателот Лопес Обрадор, Бланко потоа побарала од директорот на националниот авиопревозник „Аеромексико“ да го држи авионот на писта додека таа не стигне.
„Тие морале да ја чекаат неа. Жалиме за оваа ситуација“, изјави Лопес Обрадор.
Еден од патниците ја опишал случката на Твитер, тврдејќи дека авионот со 198 патници требало да полета кога пилотот соопштил дека мора да почекаат по „наредба од претседателот“. Откако Бланко влегла во авионот, тој ја фотографирал и јавно ја посрамотил на Твитер.
Бланко се извини за својата постапка во писмото со кое поднесе оставка.
„Нема оправдувања. Јас сум единствената виновна, претседателот никогаш не интервенирал“, изјави таа.