Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика Европа да именува специјален пратеник за дијалог со Русија, со цел да се забрзаат напорите за прекинување на војната во Украина. На прес-конференција во Рим, Мелони рече дека се согласува со францускиот претседател Емануел Макрон за потребата од нов дијалог со Кремљ.
„Верувам дека дојде време и Европа да разговара со Русија. Ако Европа зборува само со едната страна на теренот, се плашам дека придонесот што може да го даде ќе биде ограничен“, изјави Мелони, предупредувајќи дека на Европа ѝ е потребен координиран пристап за да не му се „направи услуга на Путин“.
Таа кажа дека Италија нема да се приклучи на Франција и Велика Британија во евентуалното испраќање трупи во Украина за гарантирање на мирот. Според неа, тоа не е потребно доколку Украина потпише договор за колективна одбрана со западните сојузници, по моделот на Членот 5 од НАТО. Мелони додаде дека мал контингент странски трупи не би бил доволен да се одврати многу поголемата руска војска.
Во однос на предлогот на САД за враќање на Русија во Г7, италијанската премиерка оцени дека такво нешто е „апсолутно прерано“.
Мелони се осврна и на реториката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Гренланд, велејќи дека не би одобрила американско воено преземање на островот. Таа смета дека администрацијата на Трамп користи „агресивни методи“ за да го привлече вниманието кон стратешкото значење на Гренланд и да спречи странско мешање во областа.
Иако Трамп изјави дека не му е потребно меѓународното право, Мелони контраплицираше дека „меѓународното право мора да се брани“. Таа додаде дека е нормално да има несогласувања со сојузниците кога националните интереси не се целосно усогласени.



