Ангела Меркел бара поддршка за воведување построги рестрикции во борбата против коронавирусот во Германија, како што се ограничувањата на јавни собири и на продажба на алкохол. Таа ќе се сретне со премиерите на 16-те сојузни држави, додека бројот на нови случаи на зараза денеска повторно е над 2.000.
Според предлогот на Меркел, приватните прослави и собири би се ограничиле на 25 луѓе, а оние на јавни простори на 50. Останува да се реши дали ова би важело на територијата на целата земја или само во областите каде што има поголемо ширење на вирусот.
Здравствените власти постојано посочуваат дека собирите како свадби се еден од главните фактори кои придонесуваат за ширењето на заразата.
Владата на Меркел исто така сака да ја ограничи продажбата на алкохол во областите каде што има висока стапка на зараза.
Од ковид-19 досега починале речиси 9.500 луѓе во Германија, но дневниот пораст на бројот на новозаразени сега е на нивото од март/април.