МЕТА ЈА ПОВЛЕЧЕ НОВАТА АЛАТКА КОЈА ОВОЗМОЖУВАШЕ ДА СЕ ИЗМЕНУВААТ ФОТОГРАФИИ НА ИНСТАГРАМ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

    МЕТА ЈА ПОВЛЕЧЕ НОВАТА АЛАТКА КОЈА ОВОЗМОЖУВАШЕ ДА СЕ ИЗМЕНУВААТ ФОТОГРАФИИ НА ИНСТАГРАМ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈАНовата алатка нудеше можност за означување јавни профили на Инстаграм во рамки на четботот на Мета, по што содржината од тие профили брзо се користеше за генерирање или менување слики. (Фото: СДК.МК)

    Технолошкиот гигант Мета итно ја отстрани новата опција која им овозможуваше на корисниците да применуваат алатки за вештачка интелигенција за создавање лажни слики од содржини на Инстаграм. Оваа функција беше промовирана како дел од поширокото претставување на новиот генератор на слики „Мјуз Имиџ“ (Muse Image).

    Новата алатка нудеше можност за означување јавни профили на Инстаграм во рамки на четботот на Мета, по што содржината од тие профили брзо се користеше за генерирање или менување слики. Поради автоматското вклучување на сите јавни профили без претходна дозвола од сопствениците, опцијата предизвика бран критики во јавноста поврзани со заштитата на приватноста. Од Мета признаа дека ја промашиле целта и соопштија дека функцијата повеќе не е достапна.

    Холивудскиот синдикат Саг-Афтра (Sag-Aftra), кој претходно ги повика своите членови и останатите корисници да реагираат за заштита на сопствениот лик, го оцени повлекувањето како победа и укажа на опасностите од ваквата технологија. Критики пристигнаа и од лондонската организација за човекови права Прајваси Интернешнал (Privacy International), од каде што за „Би-Би-Си“ изјавија дека ова е доказ оти компаниите за вештачка интелигенција ги третираат личните податоци и слики на луѓето како суровина за експлоатација.

    Во образложението за одлуката, од Мета наведуваат дека намерата била да понудат корисна креативна алатка со контрола врз јавната содржина, но дека ги земале предвид повратните реакции од јавноста. Првичниот план на компанијата беше „Мјуз Имиџ“ да се користи на Инстаграм, со најава за слични интеграции во Ватсап, Фејсбук и Месинџер, како и развој на посебна алатка за видео содржини. Од компанијата одбија дополнителни коментари на темата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира