МИЛАТОВИЌ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ЈА ВНЕСЕ ЦРНА ГОРА ВО ЕУ ЗА ПЕТ ГОДИНИ, НО ЗАПАДОТ МАЛКУ ЗНАЕ ЗА НЕГОВИТЕ ГЕОПОЛИТИЧКИ НАМЕРИ

    МИЛАТОВИЌ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ЈА ВНЕСЕ ЦРНА ГОРА ВО ЕУ ЗА ПЕТ ГОДИНИ, НО ЗАПАДОТ МАЛКУ ЗНАЕ ЗА НЕГОВИТЕ ГЕОПОЛИТИЧКИ НАМЕРИНовиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ со сопругата Милена (Фото: АП)

    Јаков Милатовиќ вети дека ќе ја внесе Црна Гора во Европската Унија за пет години, откако вчера победи во вториот круг на претседателските избори и стави крај на тридецениското владеење на Мило Ѓукановиќ.

    „Ова е ноќ што сме ја чекале повеќе од 30 години“, кажа 36-годишниот Милатовиќ во изборниот штаб на движењето „Европа сега“.

    Официјалните резултати од изборите ќе бидат објавени подоцна оваа недела, но две угледни набљудувачки организации излегоа со проценките дека Милатовиќ освоил околу 60% гласови, поради што Ѓукановиќ уште синоќа го призна поразот и му честиташе на противникот.

    Ѓукановиќ беше најмладиот премиер во Европа кога дојде на власт на 29 години во 1991, на почетокот на распадот на Југославија. Во меѓувреме, постојано беше или премиер или претседател, прво како сојузник на Слободан Милошевиќ, а потоа прифати прозападна агенда. Под негово водство, Црна Гора се осамостои од Србија во 2006, стана членка на НАТО и ги почна пристапните преговори за членство во ЕУ. Но, неговата политичка кариера беше обележана и со обвинувањата за поврзаност со шверц на цигари и организиран криминал, иако ниедна афера не доби разврска.

    Медиумите на германски јазик денеска пишуваат дека западот малку знае за Милатовиќ, но велат дека ја има поддршката на српскиот табор.

    „Милатовиќ е близок со Српската православна црква, контролирана од Белград. Доцна се вклучи во политиката и на западот малку се знае за него“, пишува агенцијата ДПА.

    Милатовиќ, кој по професија е економист, беше непартиски кадар кога стана министер за економија во владата на Здравко Кривокапиќ, кој ја порази партијата на Ѓукановиќ на парламентарните избори во 2020. По распадот на оваа коалиција минатата пролет, Милатовиќ го формираше движењето „Европа сега“ и стана резервен кандидат за претседател на Црна Гора откако се дозна дека првиот избор Милојко Спајиќ има српски пасош.

    „Милатовиќ кажа дека ќе ја внесе Црна Гора во ЕУ, но малку се знае за неговите геополитички намери. Прозападните сили се загрижени дека Црна Гора под Милатовиќ би можела да падне под силно влијание на Србија и индиректно на Кремљ“, пишува австрискиот весник „Стандард“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира