Рејкјавик, Валенсија, Сарагоса и Леон се поголемите европски градови кои денеска ќе бидат зафатени од целосното затемнување на Сонцето, прво во континентална Европа од 1999 година. Овој небесен спектакл ќе може да се набљудува од делови на Исланд, Шпанија и северна Русија, додека делумно затемнување ќе биде видливо во Канада, северниот дел на САД и во поголемиот дел од Европа и Западна Африка.
Се очекува целосното затемнување да трае до две минути и 13 секунди, што е само најава за истиот спектакл во Шпанија во август следната година, кога треба да трае повеќе од шест минути.
Во Рејкјавик, затемнувањето ќе биде во 17:48 часот по локално време, а во Валенсија во 20;32 часот.
„Се надевам дека вечерва ќе видиме појава на прекрасна генерација астрофизичари. Ова е толку посебен момент“, рече Хуан Крус, шпанскиот државен секретар за наука.
Властите очекуваат шест милиони посетители во претежно рурални области на патеката на затемнувањето низ северна Шпанија и Балеарските Острови. Во Шпанија, затемнувањето брзо ќе биде проследено со зајдисонце, што го прави настанот особено привлечен.
Во главниот град на Исланд, Рејкјавик, очилата за затемнување се распродадени со денови, бидејќи земјата со околу 400.000 жители очекува да пречека до 80.000 посетители.



