Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во новогодишно обраќање до нацијата, изјави дека договорот за мир со Русија е „90 отсто подготвен“. Зеленски вели дека преостанатите десет проценти се клучни бидејќи тие ќе ја одредат „судбината на мирот, на Украина и на Европа“ по речиси четири години од почетокот на целосната руска инвазија.
„Сакаме крај на војната, не крај на Украина. Сакаме мир, но не по секоја цена“, кажа Зеленски во своето 20-минутно обраќање.
Тој јасно стави до знаење дека повлекувањето од источниот регион Донбас не е опција, велејќи дека тоа би значело дека „сè е готово“. Оваа изјава следува како одговор на максималистичките барања на Москва за целосна контрола врз оваа индустриска област. Во моментов, Русија контролира околу 75% од Доњецката и 99% од Луганската област.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин во својот многу пократок новогодишен говор се фокусираше на воената победа, велејќи им на војниците: „Веруваме во вас и во нашата победа“.
Тензиите дополнително се заострија по тврдењата на Москва дека Украина со дронови ја гаѓала приватната резиденција на Путин на езерото Валдај. Кремљ објави снимки од наводен соборен дрон „Чаклун“, тврдејќи дека нападот е извршен од регионите Суми и Чернихив. Киев категорично ги демантираше овие обвинувања, додека шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, ги оцени руските тврдења како „намерно одвлекување на вниманието“ со цел да се попречи мировниот процес.
Зеленски се осврна и на неодамнешните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп на Флорида, наведувајќи дека Вашингтон понудил безбедносни гаранции за период од 15 години, иако сè уште нема прецизна временска рамка за нивна имплементација.
„Потписите под слаби договори само ја распламтуваат војната. Или светот ќе ја запре руската војна, или Русија ќе го повлече светот во својата војна“, рече украинскиот претседател.



