МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ СЕ ВО ЌОР-СОКАК, СМИРЕНО ПРОДОЛЖУВАМЕ СО ВОЕНАТА ОПЕРАЦИЈА, КАЖА ПУТИН

    МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ СЕ ВО ЌОР-СОКАК, СМИРЕНО ПРОДОЛЖУВАМЕ СО ВОЕНАТА ОПЕРАЦИЈА, КАЖА ПУТИНПутин и Лукашенко се сретнаа на космодром на крајниот исток на Русија (Фото: Кремљ)

    Владимир Путин изјави дека мировните преговори со Украина влегле во ќор-сокак, давајќи го првиот јавен коментар за војната откако руските сили се повлекоа од Киев и северот на земјата. Тој вети дека Русија ќе ги исполни своите цели во Украина, што ги опиша како благородни, навестувајќи продолжување на крвавата офанзива.

    „Повторно се вративме во ќор-сокак ситуација за нас. Украина постојано измислува тврдења за воени злосторства и само ги зголемува своите барања за безбедносни гаранции“, изјави Путин при денешната посета на космодром во регионот Амур на крајниот исток на Русија.

    Тој притоа се сретна со белорускиот лидер Александер Лукашенко, кој обвинувањата за воени злосторства ги нарече „психолошка операција спроведена од Англичаните“. Путин нагласи дека Русија и Белорусија ќе ја продлабочат соработката во области како економија, вселенска инфраструктура и технологија.

    Запрашан од работниците на космодромот дали воената операција во Украина ќе ги исполни целите, Путин одговори:

    „Апсолутно, не се сомневам во тоа. Русија ритмички и смирено ќе ја продолжи својата операција“.

    Путин ги отфрли западните санкции како неуспех, иако бившиот министер за финансии Алексеј Кудрин кажа дека тие ја водат Русија кон најлошиот економски пад во изминатите 30-ина години.

    „Блицкригот на кој нашите непријатели толку се потпираа не функционира“, кажа Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира