Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека не очекувал руската армија така брзо да се повлече од Херсон, единствената регионална престолнина што ја окупираше од почетокот на инвазијата на Украина во февруари.
„Мислев дека Русите ќе дадат пожесток отпор околу Херсон, очигледно згрешив. Тоа нам ни покажува колку мораме сами да си ја креираме и да се грижиме за нашата безбедност. Мораме сами за себе да се грижиме ако сакаме да ја браниме нашата воена неутралност“, изјави Вучиќ по денешната средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
На новинарско прашање дали сега ќе има дополнителни притисоци врз Србија, Вучиќ одговори:
„Сега можат да ни кажат: Гледајте како поминаа Русите, а како ќе поминете вие мали Срби. Но, ние знаеме како да се однесуваме. Некои лекции научивме“.
Србија е единствена земја од членките и кандидатите за членство во ЕУ која што не воведе санкции за Русија по руската инвазија на Украина.
Руската армија од вчера се повлекува од градот Херсон и делот од истоимениот регион од десната страна на Днепар за да избегне опколување од украинските сили кои со месеци ги бомбардираа сите премини на реката и полека напредуваа од сите страни.