Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ѝ се извини на Украина за вчерашните изјави на претседателот Зоран Милановиќ, кога, меѓу другото, ја опиша како една од најкорумпираните земји на светот на која не ѝ е место во НАТО.
„Јас мислев дека тоа бил некој брифинг и дека тоа го кажал некој руски политичар. Во името на хрватската влада им се извинувам на Украинците, тие се моментално окупирани“, кажа Пленковиќ.
Милановиќ вчера ја коментираше кризата околу Украина, при што кажа дека ќе ги повлече сите хрватски војници ако дојде до ескалација.
„По заминувањето на Трамп, новата администрација почна да врши притисок врз Пентагон и Бајден да заземат поцврст став кон Русија. На Украина не ѝ е место во НАТО. Таа е една од најкорумпираните држави на светот. Треба да се смири политичката сцена и да не им се дозволи на екстремистите да вршат притисок врз политиката. Затоа Хрватска нема да учествува во тоа, нема да дозволам, а премиерот Пленковиќ колку сака може да ѝ се заканува на Русија. Хрватска треба да бега од тоа како да е пожар и да не глуми пожарникар“, кажа Милановиќ.
Пленковиќ возврати дека Хрватска води политика на деескалација и го поддржува територијалниот интегритет на Украина.
„Во Украина нема наши војници, па не знам на кои војници мисли“, изјави хрватскиот премиер.