МЛАДИ, СИРОМАШНИ И МАЛЦИНСКИ ГРУПИ ДОМИНИРААТ МЕЃУ ИЛЈАДНИЦИ ЗАГИНАТИ РУСКИ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА

    МЛАДИ, СИРОМАШНИ И МАЛЦИНСКИ ГРУПИ ДОМИНИРААТ МЕЃУ ИЛЈАДНИЦИ ЗАГИНАТИ РУСКИ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНАПрипадници на украинските итни служби отстрануваат тела на руски војници од околината на Харкив (Фото: њујорк тајмс)

    Голем дел од илјадници руски војници кои загинаа во војната во Украина се млади и доаѓаат од сиромашни средини и етнички малцински групи, велат набљудувачите.

    Не е познато колку руски војници загинале од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Москва ја даде последната официјална бројка од 1.351 загинат уште на 25 март, додека Украинците велат дека на руската страна има над 27.000 мртви. И западните извори се согласуваат дека бројките се многу високи и веруваат дека Русија веќе го надминала трагичниот биланс од војната во Авганистан, кога за десет години загинале 15.000 советски војници.

    Русија веројатно веќе изгубила една третина од својата копнена борбена сила распоредена во февруари“, велат од британското министерство за одбрана, што алудира дека досега се убиени и ранети околу 50.000 војници.

    Рускиот сајт „Медијазона“ преку разни извори ја потврдил смртта на 2.099 руски војници до 6 мај. Меѓу нив, најмногу биле на возраст од 21 до 23 години, а 74-ца немале ни 20 години.

    Најголем дел од загинатите потекнувале од Дагестан (135), каде што муслиманите се мнозинство и од Бурјатија во централен Сибир (98), дом на монголската бурјатска етничка група. Само малкумина биле од Москва и Санкт Петербург.

    Најголемиот број војници и офицери од копнените трупи доаѓа од мали градови и села во Русија, што се поврзува со социо-економските и образовни прилики. Барањата за воена служба во копнените трупи се релативно мали, а најдобрите и образованите војници и идни офицери одат во други гранки на армијата, како воздушни сили и морнарица“, вели Павел Лужин, коментатор на сајтот „Ридл Раша“.

    Во својот говор на прославата на 9 мај, Владимир Путин вети дека секое семејство на загинат и ранет руски војник ќе добие финансиска помош од државата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира