Руската воена мобилизација е очекуван потег и покажува дека војната не се одвива според плановите на Москва, изјави советникот на украинскиот претседател Зеленски, Михајло Подољак, реагирајќи на одлуката што утрово ја соопшти Владимир Путин.
„Путин се обидува врз западот да ја префрли вината за почнувањето на неиспровоцираната војна и за влошената економска состојба во Русија“, кажа Подољак.
Путин утрово ја прогласи првата воена мобилизација во Русија од Втората светска војна, како одговор на неколкумесечниот застој во инвазијата и брзата украинска противофанзива, која стигна до окупираниот источен регион Луганск. Мобилизацијата е опишана како делумна и треба да опфати 300.000 воени резервисти.
„Апсолутно предвидлив потег, кој повеќе изгледа како обид да се оправда сопствениот неуспех. Војната очигледно не се одвива според сценариото на Русија и затоа Путин се решава за крајно непопуларни одлуки“, кажа Подољак во првата реакција на Киев.