Џо Бајден луто ја критикуваше истрагата која заклучи дека тој лошо ракувал со доверливи фокументи и се мачел да се присети на клучни моменти од животот.
„Моето помнење е добро“, изјави Бајден, отфрлувајќи го тврдењето дека не можел да се сети кога починал син му.
„Како се осмелуваат да го спомнат тоа?“, запраша 81-годишниот Бајден.
Истрагата заклучи дека Бајден намерно задржал и открил доверливи документи поврзани со војската и надворешната политика, но против него нема да бидат покренати обвиненија. Во извештајот на 345 страници стои дека меморијата на претседателот има значителни ограничувања.
Специјалниот советник Роберт Хур, републиканец кој на оваа функција беше назначен од јавниот обвинител Мерик Гарланд, кажа дека Бајден не можел да се сети кога бил потпретседател, па дури и кога починал неговиот син Бо.
„Да бидам искрен, тоа е прашање кое никого не треба да засега. Не ми треба никој да ме потсетува кога починал Бо“, луто реагираше Бајден.
Тој кажа дека бил зафатен со многу сериозна меѓународна криза кога бил интервјуиран од Хур на 8 и 9 октомври минатата година, кога почна војната во Газа. Хур заклучил дека би било тешко да се покрене обвинение против Бајден за несоодветно ракување документи, зашто „тој пред поротата веројатно би се прикажал себеси како симпатичен, добронамерен постар човек со слаба меморија“.
Предизборните анкети покажуваат дека голем број гласачи се загрижени за возраста на Бајден, кој вчера изјави дека тој е најквалификуваниот кандидат.
„Стар сум, но знам што правам“, кажа Бајден.