Иран и натаму верува дека може да постигне договор со САД за својата нуклеарна програма, во пресрет на денешните разговори во Рим. Таму ќе преговараат иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот американски пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф, но индиректно, преку посредник од Оман.
„Ако тие покажат сериозни намери и немаат нереалистични барања, постигнување договор е можно“, изјави Аракчи по вчерашната средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
Техеран, сепак, не очекува брз договор. Врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи оваа недела изјави дека не е претеран оптимист и песимист. Првата рунда преговори се одржа пред една недела во Оман, што двете страни ги опишаа како конструктивни.
Преговорите се одржуваат во сенката на заканите на Доналд Трамп дека ќе го нападне Иран ако не постигне договор со САД за својата нуклеарна програма.
„Јас сакам да го запрам Иран да има нуклеарно оружје. Тие не можат да го имаат. Сакам Иран да биде голем и просперитетен. Мислам дека Иран има шанса да биде одлична земја и да живее среќно без смрт. Тоа е мојата прва опција. Ако има втора опција, мислам дека тоа би било многу лошо за Иран“, изјави Трамп, кој по враќањето во Белата куќа ја обнови својата политика на максимален притисок врз Иран.
Во средата, „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп го одбил израелскиот план да ги нападне иранските нуклеарни локации веќе следниот месец.
САД сакаат Иран да запре со производството на високо збогатен ураниум, верувајќи дека целта е создавање атомска бомба. Аракчи кажа дека Иран нема да преговара за неговото право да збогатува ураниум.