МОЛДАВИЈА И УКРАИНА СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА БЕСПЛАТНАТА РОАМИНГ ЗОНА НА ЕУ

    МОЛДАВИЈА И УКРАИНА СЕ ПРИКЛУЧИЈА НА БЕСПЛАТНАТА РОАМИНГ ЗОНА НА ЕУГраѓаните на Молдавија и Украина кои престојуваат во ЕУ, како и европските државјани кои патуваат во овие земји, ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилен интернет под истите услови и цени како во нивните матични држави. - Кишињев (Фото: СДК.МК)

    Европската Унија од 1 јануари официјално ги отвори своите граници во дигиталниот простор за Молдавија и Украина, овозможувајќи им на граѓаните на овие две земји да ги користат мобилните услуги без дополнителни трошоци за роаминг. Еврокомесарката Марта Кос преку социјалната мрежа Икс кажа дека овој чекор е дел од градењето заеднички дом во рамките на Унијата, додавајќи дека ваквите придобивки дополнително ги зближуваат Европјаните уште пред официјалното членство на овие држави во европскиот блок.

    Со спроведувањето на договорот под мотото „роаминг како дома“, граѓаните на Молдавија и Украина кои престојуваат во ЕУ, како и европските државјани кои патуваат во овие земји, ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилен интернет под истите услови и цени како во нивните матични држави. Договорот исто така гарантира дека потрошувачите ќе го имаат истиот квалитет и брзина на мобилната мрежа на кои се навикнати во своите земји, додека контактирањето со службите за итна помош ќе биде целосно бесплатно за сите корисници.

    Ваквиот потег за Молдавија претставува клучна етапа во нејзината постепена економска интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на Унијата, што беше зацртано како цел уште со Договорот за асоцијација од 2016 година. Иако граѓаните веќе користеа одредени олеснувања преку претходен договор од 2024 година, оваа одлука носи целосно израмнување на цените. Од друга страна, Украина досега се потпираше на доброволен договор со европските оператори склучен во 2022 година за да им се овозможат достапни комуникации на граѓаните во текот на војната. Тој договор важеше до крајот на 2025 година, по што Украина и официјално стана дел од редовниот систем за роаминг на Унијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира