Пјотр Верзилов, еден од членовите на руската активистичка група „Пуси рајот“ синоќа со директен лет беше донесен во Берлин во придружба на специјален медицински тим, откако беа објавени сомнежи дека бил отруен во Москва. На Верзилов му се слоши после сослушување во судот во вторникот и во тешка состојба беше однесен во болница. Медиумите пренесоа дека Везилов го изгубил видот и способноста за говор.
Верзилов беше еден од четворицата членови на „Пуси рајот“ кои заради протест истрчаа на теренот на годинашното финале на Светското првенство во фудбал во Москва на мечот меѓу Франција и Хрватска.
Според негови пријатели, тој поминал неколку денови на интензивна нега пред да се освести во петокот. Летот на триесетгодишниот активист до Германија го организираше Фондацијата „Кино за мир“, чиј основач претходно доби поддршка од членовите на „Пуси рајот“.
Верзилов со години важи за истакнат активист во протестите против Кремљ, вклучувајќи го и неговиот ангажман во „Пуси рајот“.