Шефот на НАТО Марк Руте кажа дека е време да се префрлиме на воен начин на размислување и предупреди дека членките на западната воена алијанса не трошат доволно за да се подготват за можен иден конфликт со Русија.
„Москва се спрема за долготрајна конфронтација со Украина и со нас. Не сме спремни за она што би можело да дојде за четири-пет години“, кажа Руте и ги повика членките на НАТО значително да ги зголемат своите трошоци за одбраната.
Членките на НАТО ветија дека до крајот на 2024 ќе трошат најмалку 2% од својот бруто домашен производ за одбраната годишно, што сепак не е исполнето од сите држави. Руте сега предупреди дека ќе биде потребно и повеќе од тоа поради „опасноста што ни се приближува со голема брзина“.
„Европските членки на НАТО трошеа 3% од својот БДП за одбраната за време на Студената војна. Ако не трошиме повеќе сега за да спречиме војна, ќе платиме многу, многу, многу повисока цена подоцна кога ќе мора да се бориме“, рече првиот човек на НАТО.
Тој додаде дека руската економија е на воена нога, при што во 2025 година ќе потроши една третина од својот буџет за одбраната, што е највисоко ниво од Студената војна.
Руте призна дека Доналд Трамп бил во право кога во својот прв мандат ги тераше членките на НАТО да трошат повеќе за одбраната.
„Беше во право и беше успешен во тоа, зашто сега трошиме многу повеќе отколку порано“, кажа Руте, за кого во НАТО велат дека бил близок со новоизбраниот американски претседател.