Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва се противи на распоредувањето на западни мировни сили во Украина како дел од каков било договор за крај на речиси тригодишната војна.
Францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск овој месец ја предложија идејата за распоредување странски трупи за да се спроведе потенцијален мировен план помеѓу Русија и Украина. Во интервју за новинската агенција ТАСС Лавров кажа дека Русија се противи на оваа идеја, како и на други предложени од тимот на Доналд Трамп.
„Не сме задоволни со предлозите што ги изнесоа претставници на новоизбраниот претседател на САД, кои предвидуваат одложување на членството на Украина во НАТО за 20 години и испраќање на контингент на европски и британски трупи“, кажа Лавров.
Кремљ претходно соопшти дека е прерано да се зборува за мировници.
Трамп, кој ќе влезе во Белата куќа на 20 јануари, постојано кажува дека може да ја заврши војната за еден ден. Тој досега не го претставил својот план, додека членови на неговиот тим излегоа со разни идеи, вклучувајќи распоредување европски сили за надгледување примирје долж 1.000 километри долгиот фронт.
И Владимир Путин и Володимир Зеленски ја отфрлија можноста за директни разговори, а позициите на Москва и Киев значително се разликуваат во поглед на прифатливи услови на мировен план.