МОСКВА СЕ СПРЕМА ЗА ПОГРЕБОТ НА НАВАЛНИ, ОД НЕГОВИОТ ТИМ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА БИ МОЖЕЛО ДА ИМА АПСЕЊА И ПРОВОКАЦИИ

    МОСКВА СЕ СПРЕМА ЗА ПОГРЕБОТ НА НАВАЛНИ, ОД НЕГОВИОТ ТИМ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА БИ МОЖЕЛО ДА ИМА АПСЕЊА И ПРОВОКАЦИИВо Москва денеска ќе има силно полициско присуство и се поставени бариери (Фото: ЕПА)

    Москва се подготвува за еден од најисчекуваните погреби во поново време, додека соработниците на Алексеј Навални предупредуваат дека сешто може да се очекува, вклучувајќи апсења и провокации.

    Најавено е дека панихида за Навални, кој почина пред две недели во еден од најстрогите руски затвори, ќе се одржи во црква во московската област Мариино, каде што тој своевремено живеел, а тој ќе биде погребан два часа подоцна на гробиштата Борисовскоје на периферијата на Москва, оддалечени два и пол километри.

    Освен мајката на Навални, засега не е познато на кого ќе му биде дозволено да присуствува на церемониите. Тимот на Навални ги охрабруваше луѓето да присуствуваат на погребот и сподели мапа на маршрутата меѓу двете локации. Исто така објави листа на местата низ светот каде што денеска ќе може да му се оддаде почит на Навални, од Сеул, преку Рим и Стокхолм, до Монтреал.

    Загрижен сум за она што би можело да се случува денеска. Страв ми е какви изненадувања би можело да има. Не знам дали воопшто ќе им дозволат на луѓето да се збогуваат со Алексеј“, изјави поранешниот шеф на кабинетот на Навални, Леонид Волков.

    Од тимот на Навални претходно кажаа дека се соочувале со бројни проблеми и при самата организација на погребот.

    Во март 2015, илјадници луѓе се собраа на улиците на Москва за да го испратат убиениот опозициски лидер Борис Немцов, но ситуацијата во Русија сега е многу поразлична. Во Москва денеска ќе има силно полициско присуство и се поставени бариери кај црквата и гробиштата каде што ќе се одвиваат погребните церемонии.

    Прво одделение“, група на адвокати и бранители на човекови права, советуваше да не се носат слики од Навални и им порача на луѓето да бидат мирни и да не паѓаат на евентуални провокации.

    Не е исклучено да има апсења. Затоа не привлекувајте внимание“, кажаа од групата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира