Иран продолжи да пркоси и одбива да го отвори Ормускиот Теснец и да склучи договор со САД, додека истекува крајниот рок поставен од Доналд Трамп, кој се закани дека ќе го уништи Иран во една ноќ ако не ги прифати неговите барања.
Иран вчера го отфрли американскиот предлог за итен прекин на огнот и укинување на блокадата на Теснецот, по што би следеле разговори за поширок мировен договор во рок од 15 до 20 дена. Место тоа, Иран инсистира на целосен и траен крај на непријателствата и на укинување на санкциите.
Трамп вчера се закани дека би можел да го уништи Иран во една ноќ и дека таа ноќ би можела да биде утревечер. Неговиот ултиматум треба да истече ноќва во еден часот по средноевропско време.
Тој се закани со уништување на иранските електрани и мостови ако Иран не се согласи со неговите барања пред истекот на крајниот рок, за кој кажа дека нема повторно да го продолжува.
„Секој мост во Иран ќе биде уништен до полноќ по источно време в среда (пет часот по средноевропско време) и секоја електрана ќе биде онеспособена. Ќе гори, ќе експлодира и никогаш повеќе нема да се користи“, рече Трамп.
Тој ги отфрли прашањата дека неговото ветување за уништување на иранските електрани би претставувало воено злосторство, велејќи дека воопшто не е загрижен за таа перспектива.
„Се надевам дека нема да мора да го направам тоа“, додаде Трамп.
Иранскиот амбасадор во Обединетите нации изјави дека заканата на Трамп е „директно поттикнување на тероризам и дава јасен доказ за намера за извршување воени злосторства според меѓународното право“. Заменик-министерот за спорт на Иран, Алиреза Рахими, ги повика младите Иранци да формираат човечки синџири кај електраните низ целата земја.
И портпаролката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека нападот врз таква инфраструктура е забранет според меѓународното право.
„Дури и ако одредена цивилна инфраструктура се квалификува како воена цел, нападот сепак би бил забранет ако ризикува прекумерна случајна штета на цивилите“, рече Стефан Дижарик



