Властите се подготвуваат за можноста оштетениот резервоар за хемикалии во Јужна Калифорнија да протече или да експлодира, бидејќи за 50.000 жители наредбата за евакуација продолжи и во викендот, без временска рамка кога можат да се вратат дома. Пожарникарите ја прскаат надворешноста на резервоарот со црева за вода во обид да ги оладат хемикалиите што се загреваат внатре, и да спречат експлозија.
Ли Зелдин, раководител на Агенцијата за заштита на животната средина на САД, денеска изјави дека „најверојатното сценарио“ е „испуштање со мал волумен“, каде што службениците ќе можат да „ја следат, неутрализираат и контролираат заканата“.
„Противпожарната управа на округот Оринџ работи на одржување на ниска температура на резервоарот. Тоа е многу важно“, рече тој и додаде дека е клучно одржувањето на температурата под 29,4 степени Целзиусови.
Резервоарот под притисок се прегреа на 21 мај и почна да испушта пареа на локација на компанијата во Гарден Гроув, околу 60 километри јужно од центарот на Лос Анџелес, според Противпожарната управа на округот Оринџ. Нема пријавени повредени. Тестовите за мониторинг на воздухот досега покажаа дека загадувањето на воздухот околу зоната за евакуација е засега во нормални граници, а распоредена е специјализирана опрема за да се осигури дека нема да се испушти гас од компромитираниот резервоар, соопштија вчера државните и федералните службеници за животна средина.
Во меѓувреме, некои жители на Гарден Гроув вчера поднесоа колективна тужба против „ГКН Аероспејс транспаренси системс“, компанијата што управува со објектот каде што се наоѓа резервоарот. Адвокатите на жителите што живеат во зоната за евакуација во нивната тужба до федералниот суд тврдат дека без оглед на тоа што ќе се случи следно, вредностите на имотите во околната заедница сигурно ќе бидат засегнати.
„Тука нема добар исход за луѓето што живеат во близина“, велат адвокатите во соопштението. „Во најдобар случај, бавното, контролирано истекување сепак ги принудува жителите да ги напуштат своите домови на неодредено време, нарушувајќи ги семејствата, бизнисите и секојдневниот живот. Во најлош случај, катастрофална експлозија би можела да испрати облак и остатоци низ многу поширока област, оштетувајќи илјадници имоти и изложувајќи ги жителите на сериозни здравствени ризици“.
Портпаролите на компанијата денеска не одговорија веднаш на е-поштата со која АП бараше коментар.
Службениците изјавија дека вентилите на резервоарот се скршени или „залепени“, што ги спречило екипите да ја отстранат хемикалијата или да го намалат притисокот врз резервоарот, рече Крег Кови, началник на Одделот за противпожарна служба на округот Оринџ.
Првата надеж на пожарникарите е да најдат начин да ја оладат хемикалијата во резервоарот за да не протекува или експлодира. Ако тоа не е можно, професорот по инженерство на Универзитетот „Пердју“, Ендру Велтон, рече дека би било најдобро резервоарот да протекува за хемикалијата да може во најголем дел да се локализира. Експлозија што би можела да ја прошири хемикалијата на широко подрачје и да предизвика шрапнели да летаат би било најлошото можно сценарио.



