МУГАБЕ ТРГНАТ ОД ВЛАСТА ВО ЗИМБАБВЕ ЗА ДА НЕ ГО НАСЛЕДИ ЖЕНА МУ

    МУГАБЕ ТРГНАТ ОД ВЛАСТА ВО ЗИМБАБВЕ ЗА ДА НЕ ГО НАСЛЕДИ ЖЕНА МУРоберт Мугабе е ставен во домашен притвор, додека војската патролира по улиците на Хараре (Фото: АФП)

    Долгогодишниот лидер на Зимбабве, Роберт Мугабе, се наоѓа во домашен притвор, изјави претседателот на Јужна Африка, Џејкоб Зума.

    „Претседателот Зума зборуваше телефонски со претседателот Мугабе и тој му рекол дека е добро. Тој му навестил дека војската го држи во домашен притвор“, кажаа од кабинетот на јужноафриканскиот лидер.

    Армијата, која патролира по улиците на главниот град Хараре и ја има преземено контролата врз јавната телевизија, тврди дека не станува збор за државен удар, туку „нејзината цел се криминалци, кои имаат нанесено голема економска и социјална штета“.

    Нејасно е кој ја предводи воената акција.

    Овој потег се сфаќа како обид да се замени 93-годишниот Мугабе со неговиот довчерашен заменик Емерсон Мнангагва. Тој беше разрешен минатата недела, со што сопругата на Мугабе, Грејс, беше видена како иден претседател.

    „Мугабе и неговото семејство се добро и на сигурно и нивната безбедност е загарантирана“, изјави генералот Сибусисо Мојо.

    На улиците на Хараре се прославуваше воената акција.

    „Сега конечно ќе имаме добар живот. Сакам да му се заблагодарам на генералот што го тргна тиранинот. Тој ја водеше земјата како да му припаѓа на неговото семејство“, кажа еден жител на Хараре.

    Почнувајќи од 1980 година, Мугабе прво седум години го водеше Зимбабве како премиер, по што стана претседател.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира