Уште неколку сојузни држави во САД донесоа одлука за затворање на јавни места и простори за да се спречи ширењето на коронавирусот, со што една петина од Американците наскоро ќе бидат под наредбата да седат дома.
Конектикат и Њу Џерси им се придружија на Калифорнија и Илиноис во воведувањето рестриктивни мерки, а државата Њујорк исто така нареди затворање на сите несуштински бизниси.
Во САД досега има повеќе од 18.500 заразени, како и речиси 230 починати. САД вчера го суспендираа целиот несуштински сообраќај преку своите граници со Канада и Мексико, но оваа мерка нема да ја погоди трговијата.
На глобално ниво е надмината бројката од 275.000 заразени и 11.000 мртви од коронавирусот.
Во Србија од утрово има 149 потврдени случаи на коронавирус, кој вчера ја зеде и првата жртва во земјата – 55-годишен маж од Кикинда.
Баварија ноќеска на полноќ стана прва сојузна држава во Германија која прогласи карантин, додека Велика Британија синоќа донесе уште построги мерки, затворајќи ги и рестораните, пабовите, кафулињата и теретаните.
Кина трет ден по ред не пријави ниеден нов случај на внатрешно пренесување на вирусот, а Колумбија најави дека во вторник ќе стане втора држава во Јужна Америка, по Аргентина, која ќе се стави во карантин.