Едно лице е уапсено во врска со експлозивните направи што изминативе денови им беа испратени на десетина високи демократи и други критичари на Доналд Трамп.
Вкупно 12 пакети беа откриени, кои, меѓу другите, биле наменети за Барак Обама, Хилари Клинтон, Џорџ Сорос и Роберт де Ниро. Овие инциденти се случија на неполни две недели до одржувањето на изборите за Конгресот, што дополнително ги засили политичките тензии во САД.
Американските медиуми објавија дека сомнителното лице е уапсено на Флорида, кадешто ФБИ истражуваше еден поштенски објект, верувајќи дека повеќето пакети поминале преку него. Тој е идентификуван како 56-годишниот Сезар Сајок и полицијата кажа дека би можело да има и други апсења поврзани со овој случај.
„На Флорида е уапсено едно лице, кое се доведува во врска со тероризам. Станува збор за маж во 50-ти години“, соопшти Министерството за правда, не изнесувајќи други детали.
Ова уследи откако се пронајдени уште два слични пакети, адресирани на сенаторот Кори Букер и бившиот шеф на Националната разузнавачка агенција Џејмс Клапер.