НА НАТО МУ Е НЕОПХОДНА СТРАТЕШКА ВИЗИЈА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, СМЕТА ТИНК ТЕНКОТ БИЕПАГ

    НА НАТО МУ Е НЕОПХОДНА СТРАТЕШКА ВИЗИЈА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, СМЕТА ТИНК ТЕНКОТ БИЕПАГЗаедничка фотографија на лидерите на земјите членки на НАТО на самитот во Вашингтон. (Фото: НАТО)

    Лидерите на НАТО се собраа во Вашингтон од 9-11 јули за да ја прослават 75-годишнината од формирањето на алијансата. Тоа беше можност да се нагласи одлучувачката улога на алијансата во минатото, посебно на Западен Балкан, и да се воспостави стратешка визија за иднината, се вели во анализата на тинк тенкот БИЕПАГ. Војната во Украина беше повод за НАТО да сигнализира единство и стратешки ангажман.

    Додека Украина, очекувано, доби најголемо внимание на самитот, Западен Балкан како друго безбедносно жариште во Европа требаше да биде адресиран. Генерално, регионот е успешна приказна за НАТО, откако со проширувањето ефективно ги затвори јадранскиот и јонскиот коридор за руско влијание, со членството на Хрватска, Црна Гора и Албанија во алијансата. Успехот беше заокружен со членството на Северна Македонија во 2020 година.

    Сепак, и покрај ова успешно проширување на НАТО, безбедносниот пејзаж во регионот останува кревок и сè уште зависен од НАТО, и заканата од дестабилизација опстојува.

    Сецесионистичката реторика во БиХ е опасна. Лидерот на Република Српска Милорад Додик постојано се заканува со отцепување, а ЕУ речиси го удвои бројот на војници во мисијата ЕУФОР во БиХ поради стравовите дека нестабилноста од конфликтот во Украина може да се прелее во Западен Балкан. Во меѓувреме, Русија се обидува да наметне страв и да ја одржи БиХ во постојана состојба на нестабилност.

    Слично, војната во Украина ја става мисијата на НАТО во Косово под притисок. Нестабилноста на северот на Косово ја наруши безбедносната ситуација. Во септември 2024 година, имаше ескалација на насилството во северно Косово, откако група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во манастирот во Бањска. Како резултат на зголемените тензии, НАТО распореди дополнителни 1.000 војници во Косово за да ја одржи стабилноста.

    За разлика од ситуацијата во БиХ, каде што предизвиците за НАТО се последица на внатрешни проблеми во земјата, членството на Косово во НАТО засега е невозможно поради блокада од четири земји членки.

    Неопходна е стратегија за решавање на нестабилноста на Западниот Балкан. По самитот во Вашингтон, алијансата треба да стане место каде што демократските партнери ќе дискутираат за стратегија и ќе координираат одговори на повеќе фронтови во борбата против автократите, се вели во заклучокот на анализата.

    Советничката група за политики за Балканот во Европа (БИЕПАГ) е група на аналитичари, научници и истражувачи, формирана како заедничка иницијатива на Европскиот фонд за Балканот и Центарот со студии на Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац, со цел промовирање на европските интеграции на Западниот Балкан и консолидација на демократските и отворени земји од регионот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира