Политичката доминација на унгарскиот премиер Виктор Орбан е ставена под прашалник првпат по 16 години. Додека Орбан сѐ уште е популарен во руралните бастиони на неговата владејачка партија, младите гласачи се жалат дека нивните постари роднини не можат да се оттргнат од неговото влијание.
Користејќи го незадоволството кај граѓаните поради рекордната инфлација, економската стагнација и раширената корупција, опозицискиот лидер Петер Маѓар со својата партија Тиса создаде силен анти-Орбан блок кој моментално води во националните анкети. Неговите ветувања за изградба на „модерна, европска Унгарија“ особено привлекуваат помлада публика, додека постарата генерација останува поотпорна на повиците за промени.
Овој генерациски јаз може да биде одлучувачки фактор на изборите кои се сметаат за најзначајни од крајот на комунизмот. Пример за ова е градот Ниреѓихаза на североистокот на земјата, каде повеќе од половина од населението е на возраст над 50 години. Долгогодишното упориште на Фидес сега е поделено, а помладите жители посочуваат дека кампањата на Орбан за ризиците од војната во Украина и прикажувањето на Маѓар како „бриселски послушник“ делуваат кај постарите како магија.
Тиса се соочува со слични проблеми и во други градови на истокот и југот на земјата, каде што традиционалното јадро на Фидес останува стабилно поради постојаното иселување на младите во Будимпешта или во странство. За да го собори долгогодишниот лидер, партијата на Маѓар ќе мора да ги освои овие средини и да го намали влијанието на државните медиуми и печатот контролиран од сојузниците на власта.
На претходните парламентарни избори во 2022 година, Фидес оствари убедлива победа со 61 процент од гласовите во овој регион. Сепак, од Тиса веруваат дека овојпат резултатот ќе биде поинаков, потпирајќи се на популарни локални кандидати како Ласло Гајдош, директорот на зоолошката градина во Ниреѓихаза.
Додека аналитичарите предвидуваат дека опозицијата ќе добие повеќе места преку националните листи поради концентрацијата на гласачи во градовите, главната битка ќе се води во изборните единици. Крајниот исход ќе зависи од способноста на Фидес повторно да ги мобилизира своите поддржувачи, во време кога политичките тензии се на високо ниво, а граѓаните се загрижени за економската иднина и опстанокот на помладите генерации во земјата.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.



