Одбранбениот договор помеѓу Русија и Северна Кореја стапи на сила откако двете страни ги разменија документите за ратификација, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА. Наречен Договор за сеопфатно стратешко партнерство, тој беше потпишан при посетата на Владимир Путин на Пјонгјанг во јуни и предвидува моментална воена помош во случај некоја од двете земји да се соочи со воена агресија.
„Тој ќе служи како силна движечка сила што го забрзува воспоставувањето на независен и праведен мултиполаризиран светски поредок без доминација, потчинување и хегемонија“, објави КЦНА.
Формализирањето на договорот доаѓа откако САД и Јужна Кореја ја обвинија Северна Кореја дека ѝ дала големи количества оружје на Русија и испратила над 10.000 војници да се борат против Украина. Москва и Пјонгјанг досега немаат признато дека Северна Кореја испратила илјадници контејнери со муниција, мобилни топови и ракетни фрлачи во Русија. Путин во една прилика му одговори на западот дека двете страни сами решаваат како ќе го спроведуваат договорот.