Поразениот кандидат за американски преседател Хилари Клинтон се надева дека Доналд Трамп ќе биде успешен претседател на сите Американци.
Во првата изјава по изборниот пораз, Клинтон изјави дека резултатите од изборите биле болни за неа и дека е разочарана, но му посака успех на новиот претседател и нагласи дека му понудила соработка.
„Синоќа му честитав на Трамп и му понудив соработка за доброто на нашата земја“, изјави Клинтон во обраќањето во хотел во Њујорк.
Клинтон оцени дека вчерашните избори покажале дека земјата е многу подлабоко поделена отколку што се мислело, но сепак ги повика своите привразници да ги прифатат изборните резултати.
„Треба да ја градиме Америка исполнета со надеж, со инклузивност и со големо срце. Мора да се почитува и брани владеењето на правото, рамноправноиста и слободата на веросповед. На Трамп му нудиме отворен ум и шанса да ја поведе земјата“, потенцира Клинтон.
Во меѓувреме беше соопштено дека Клинтон победила во сојузната држава Минесота, со што освои уште 10 гласа во Изборниот колеџ. Сепак, овие резултати не можат да влијаат на изборот на Трамп за претседател, бидејќи тој веќе освои 276 електори или шест повеќе од неопходните 270 за победа.