Доналд Трамп ќе испрати претставник на разговорите за Украина во Европа овој викенд само ако има вистинска шанса да се потпише мировен договор, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
„Претседателот Трамп е уморен од повеќекратните состаноци на кои никогаш не се постигнува договор за завршување на војната во Украина. Тој е крајно фрустриран од двете страни во оваа војна и преку глава му е од состаноци само заради состаноци“, кажа Ливит.
Киев е под притисок од Белата куќа да прифати мировен договор, но се спротивстави на американскиот план предложен минатиот месец, за кој многумина сметаат дека е поповолен за Москва. Место тоа, Украина испрати своја верзија на мировен план во Вашингтон.
Трамп во средата разговараше со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија и рече дека имале енергична размена на мислења.
„Тој сака акција за да се заврши оваа војна. Само во последните неколку недели, администрацијата помина повеќе од 30 часа во средби со Русите, Украинците и Европејците. Ќе видиме за состаноците овој викенд и ќе останеме во тек“, рече Ливит.
Последниот американски предлог за Украина бил нејзините трупи да се повлечат од регионот Донбас, кој потоа би бил претворен во „специјална економска зона“. Украина досега одбиваше секаков предлог за отстапување територија на Русија.



