НАД 1.100 УАПСЕНИ ВО ПРОТЕСТИТЕ ВО ФРАНЦИЈА, МАКРОН ПОБАРА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ДА ГИ СИМНАТ ВИДЕАТА ОД НЕМИРИТЕ

    НАД 1.100 УАПСЕНИ ВО ПРОТЕСТИТЕ ВО ФРАНЦИЈА, МАКРОН ПОБАРА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ДА ГИ СИМНАТ ВИДЕАТА ОД НЕМИРИТЕНемирите се разгореа низ целата земја, во Марсеј, Лион, Тулуз, Стразбур и Лил, како и во Париз каде Нахел М., 17-годишник со алжирско и мароканско потекло, беше застрелан во вторникот во предградието Нантер. (Фото: ЕПА)

    Франција денеска распореди 45.000 полицајци и неколку оклопни возила на улиците поради немирите што ги потресуваат француските градови веќе четврта ноќ поради смртта на 17-годишно момче застрелано од полицаец на семафор. На протестите се запалени згради и возила, ограбени се продавници, а насилството го втурна претседателот Емануел Макрон во најголемата криза на неговото раководство од протестите на Жолтите елеци кои почнаа во 2018.

    Момчето денеска ќе биде погребано во Нантер, а неговото семејството побара од медиумите и јавноста да не присуствуваат на погребот.

    Немирите се разгореа низ целата земја, во Марсеј, Лион, Тулуз, Стразбур и Лил, како и во Париз каде Нахел М., 17-годишник со алжирско и мароканско потекло, беше застрелан во вторникот во предградието Нантер. Неговата смрт, снимена на видео, повторно ги разгоре долгогодишни поплаки за полициско насилство и расизам на сиромашните и расно мешаните урбани заедници.

    Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин денеска изјави дека синоќа се уапсени 270 лица, со што вкупниот број достигна повеќе од 1.100 откако се разгореа немирите. Синоќа се уапсени и 80 лица во јужниот град Марсеј, втор по големина во Франција и дом на многу луѓе од северноафриканско потекло. Повеќе од 200 полицајци се повредени од избувнувањето на немирите и стотици демонстранти и се уапсени, рече Дарманин, додавајќи дека нивната просечна возраст е 17 години.

    Макрон претходно ги повика родителите да ги тргнат децата од улица. Тој предвреме го напушти самитот на Европската унија во Брисел за да присуствува на вториот кризен состанок во владата за два дена.

    Макрон побара од социјалните мрежи да ги отстранат „најчувствителните“ снимки од немирите и да ги откријат идентитетите на корисниците кои поттикнуваат насилство. Дарманин се сретна со претставници од Мета, Твитер, Снепчет и ТикТок. Снепчет соопшти дека има нулта толеранција за содржината која промовира насилство.

    Пријател на семејството на жртвата, Мохамед Јакуби, кој го гледал Нахел како расте, рече дека бесот бил поттикнат од чувството на неправда по инцидентите на полициско насилство врз малцинските етнички заедници, многумина од поранешните француски колонии.

    „Доста ни е, и ние сме Французи. Ние сме против насилството, ние не сме ѓубриња“, рече тој.

    Макрон негира дека има системски расизам во агенциите за спроведување на законот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира