Над 1.500 затвореници избегале од затвор во Мозамбик, искористувајќи ги тековните политички немири предизвикани од спорните изборни резултати, соопшти полицијата. Триесет и три лица загинаа, а 15 се повредени во судирите со стражарите, изјави на прес-конференција началникот на полицијата. Оттогаш повторно се фатени уште околу 150 бегалци, додаде тој.
Протестите избија во понеделникот како одговор на највисокиот суд во Мозамбик кој потврди дека владејачката партија Фрелимо, која е на власт од 1975 година, победила на претседателските избори во октомври. Началникот рече дека групи антивладини демонстранти се приближиле до затворот во главниот град Мапуто во средата. Затворениците го искористија немирот за да срушат ѕид и да избегаат, рече тој.
Мозамбик е потресен од немири по спорните избори во октомври. Официјалните резултати покажаа победа на кандидатот за претседател на владејачката Фрелимо, Даниел Чапо.
Нови протести избувнаа во понеделникот, кога уставниот суд пресуди дека Чапо победил на изборите, но му го намали процентот на освоени гласови. Првичните резултати во октомври велат дека Даниел Чапо добил 71% од гласовите наспроти 20% на неговиот главен ривал Венсио Мондлејн. Судот сега пресуди дека тој освоил 65% наспроти 24% на Мондлејн.
Главниот град Мапуто на Бадник беше како град на духови, речиси сите бизниси се затворени, а луѓето остануваат дома за да избегнат да бидат фатени во најлошите немири во градот откако Фрелимо за првпат дојде на власт во 1975. Канцелариите, полициските станици, банките и фабриките на Фрелимо се ограбени, вандализирани и запалени низ целата земја. Од понеделникот, најмалку 21 лице загина во немирите, изјави министерот за внатрешни работи. Мондлејн, кој оттогаш избега од Мозамбик, ги повикува своите приврзаници да демонстрираат против, како што рече, наместеното гласање.