Пожарникарите се борат со неколку големи пожари во Грција, додека високите температури продолжуваат да прават проблеми во јужна Европа. Во изминатите 24 часа избувнале повеќе од 150 пожари низ Грција и на илјадници луѓе им е кажано да се евакуираат. Во гаснењето учествуваат речиси 5.000 пожарникари и 33 летала.
Најмалку тројца луѓе загинале во пожарите во Шпанија, Албанија и Турција, а десетици се примени во болница поради изгореници и вдишување чад. Температури повисоки од 40 степени се регистрирани на повеќе места.
Во Грција, илјадници луѓе се евакуирани од туристичките острови Закинтос и Хиос, каде што некои биле спасувани од плажи. На Пелопонез изгореле домови, бизниси и автомобили како што огнот се ближи кон градот Патра. Таму е наредена евакуација на град од 7.700 жители.
„Досега се повредени најмалку 13 пожарникари. Условите ќе станат уште попредизвикувачки во следните денови. Денеска ќе имаме уште еден тежок ден. Во најголемиот дел од регионите има висок ризик од пожари“, изјави портпаролот на грчките пожарникари Василис Ватракојанис.
Грчките власти побараа противпожарни летала од земјите на Европска Унија.
Во Шпанија се евакуирани над 4.000 луѓе во северозападната покраина Леон, каде што загинал еден доброволен пожарникар. Предупредувањата за голема жештина се во сила и во Франција, Португалија, Италија и балканските земји.