Најмалку 13 лица се во животно загрозувачка состојба откако присуствуваа на големиот уличен фестивал на кој се слави техно музиката во Берлин, соопштија службите за итни случаи. Техно парадата „Rave the Planet“ вчера привлече околу 200.000 луѓе во германската престолнина, а посетителите на забавата побараа заштита на светски познатата клупска сцена во Берлин, која е официјално признаена од УНЕСКО како нематеријално културно наследство.
Во текот на свеченостите, 69 лица беа хоспитализирани, од кои 13 беа во животозагрозувачка состојба, а уште 27 беа тешко повредени, соопштија службите за итни случаи. Портпаролот Доминик Прец од противпожарната служба во Берлин изјави дека главната причина е интоксикација, без да понуди дополнителни информации за природата на дрогата. Вкупно, 392 лица мораа да бидат згрижени на местото на настанот.
Парадата „Rave the Planet“ првпат беше започната во 2022 година од д-р Мот, диџеј кој помогна во основањето на познатата Парада на љубовта во 1989. Парадата на љубовта беше голем годишен фестивал и демонстрација на техно музика што заврши по смртоносно стампедо во западниот град Дуизбург во 2010. Вчерашната парада се одржа на улицата помеѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата во центарот на Берлин. Властите рекоа дека бил „мирен“ настан со малку прекини поради дождот.