Над пола милион патници ќе бидат погодени и илјадници летови ќе бидат откажани поради утрешниот 24-часовен штрајк на аеродромите во Германија откако големиот синдикат „Верди“ ги повика сите вработени да престанат со работа. Здружението на аеродромските оператори во Германија (АДВ) објави дека штрајкот ќе го почувствуваат околу 510.000 луѓе и ќе бидат откажани повеќе од 3.400 летови.
„Воздушниот сообраќај во Германија во најголем дел ќе биде запрен утре. Штрајкот ќе ја погоди не само мобилноста на луѓето, туку и економијата“, соопшти АДВ.
Аеродромот во Франкфурт објави дека утре веројатно нема да има никакви летови и ги советуваше патниците да не се упатуваат кон аеродромот. Штрајкот ќе ги погоди и аеродромите во Минхен, Штутгарт, Келн/Бон, Диселдорф, Дортмунд, Хановер, Бремен, Хамбург и Лајпциг.
Синдикатот бара покачување на платите од 8%, повисоки бонуси и дополнителни слободни денови. Работодавците ги отфрлуваат овие барања како нешто што не може да се исполни. Преговорите треба да продолжат подоцна овој месец.