Најмалку 44 луѓе загинаа во стампедо на верски фестивал во североисточен Израел. Националната агенција за вонредни ситуации (МДА) соопшти дека има и десетици повредени на фестивалот, што се одржуваше во подножјето на планината Мерон.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху кажа дека ова е ужасна трагедија и побара од нацијата да се моли за жртвите.
Десетици илјади луѓе присуствуваа на фестивалот, што го прави најголем јавен настан во земјата од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Полицијата побара од сите да го напуштат местото. Итните служби кажаа дека 38 луѓе се во критична состојба, а десетици се полесно повредени.
МДА потврди дека трагедијата е резултат на стампедо, што почнало откако неколкумина присутни се лизнале по скалите, повлекувајќи други со себе.
„Сѐ се случи во дел од секундата. Луѓето паѓаа и се газеа едни со други. Беше катастрофа“, изјави еден сведок.
Друг сведок додаде дека несреќата се случила кога повеќе од илјада луѓе сакале да се симнат по многу тесен пат.
Десетици илјади тврдокорни Евреи секоја година одат на аџилак во Мерон, каде што се наоѓа гробот на рабинот од втор век Шимон Бар Јохаи, што се смета за едно од најсветите места за еврејскиот свет. Според израелските медиуми, вчера дошле 100.000 верници, а уште се очекуваа да пристигнат денеска.