Повеќе од 150 луѓе се повредени во денешната серија земјотреси во Истанбул, од кои најсилниот имал јачина од 6,2 степени според Рихтерова скала. Од канцеларијата на гувернерот на Истанбул кажаа дека сите повреди настанале при скокање од височина во паника.
„Нема извештаи за жртви и ниедна зграда не се урнала, иако има штети. Повредени се најмалку 151 лице“, кажаа локалните власти, додавајќи дека не се погодени ни системите за струја, гас, вода за пиење и канализација.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ситуацијата внимателно се следи и дека министрите му рекле дека нема никакви проблеми.
Првите три земјотреси биле регистрирани во периодот од 12:13 часот до 12:51 часот по локално време. Останатите два биле послаби и имале јачина од 3,9 и 4,4 степени според Рихтерова скала. Епицентарот бил долж брегот на Мраморното Море близу Истанбул. Тресењата продолжиле и потоа.
Според министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, по првичниот земјотрес, кој бил на длабочина од седум километри и траел 13 секунди, биле регистрирани уште 51 афтершок, од кои најсилниот имал јачина од 5,9 степени. Властите кажаа дека школите во Истанбул ќе бидат затворени во следните два дена, иако на нив нема оштетувања.
Турскиот геолог и експерт за земјотреси Начи Ѓерур кажа дека денешните земјотреси не се големите земјотреси што ги очекувале, кои, според него, ќе бидат над седум степени.