Повеќе од 500 луѓе се уапсени, а 55 се повредени во денешните протести на таканаречените „жолти елеци“ во Париз, објавија властите, додавајќи дека бројот на демонстрантите бил околу 8.000.
Полицијата кажа дека повеќето од уапсените се приведени „поради учество во групи кои подготвувале насилство и уништување на имот“. Меѓу повредените има и неколкумина полицајци.
Властите распоредија 8.000 полицајци, 12 оклопни возила и водени топови на критични точки во центарот на градот, со цел да се спречат насилствата од изминатиот викенд. Локалните медиуми јавија за неколку судири помеѓу најагресивните демонстранти и полицијата, како и за неколку запалени автомобили, но ситуацијата, сепак, не излегла од контрола како во неделата. Полицијата правеше превентивни претреси на ранци и торби, одземајќи заштитни маски и сè што можеше да се употреби како проектил.
„Денеска имаше повеќе апсења отколку целиот изминат викенд. Успеавме да обезбедиме најдобри можни услови“, изјави премиерот Едуар Филип.
Во исто време, протести се одржаа и во Лион, Монпелје и Гренобл, а се проширија и на Белгија, кадешто се уапсени 70 лица, но немаше насилства.