Британскиот социолог Џејсон Ардеј, кој минатата недела поднесе оставка од Универзитетот во Кембриџ по неколкунеделни јавни обвинувања за плагијат и медиумскo внимание, вчера беше пронајден мртов. Ардеј, кој имаше 37 години кога во 2023 стана најмладиот црн професор на Кембриџ, поднесе оставка откако се најде под силен медиумски притисок, проследен со повеќенеделни обвинувања за плагијат во неговата академска работа и прашања поврзани со тврдењата за неговите спортски и хуманитарни достигнувања.
Весниците „Тајмс“ и „Телеграф“, заедно со „Би-би-си“ и „Скај њуз“, објавија дека 41-годишниот Ардеј вчера попладне бил пронајден без знаци на живот во домот во Батерси, јужен Лондон.
Веста за неговата смрт следи во истата недела кога беше објавен неговиот мемоар „Големи и несреќни нешта“ – дело што се очекуваше со голем интерес и кое издавачката куќа „Сајмон и Шустер“ одлучи да го објави и покрај сомнежите за неговиот кредибилитет. Во соопштението издадено преку неговиот издавач, семејството на Ардеј изјави дека се „во шок поради загубата на овој прекрасен татко, партнер, брат, вујко и син“.
„Кампањата на дезинформации беше премногу за Џејсон, кој беше благ човек и секогаш сакаше да го гледа најдоброто во секого“, изјавија од семејството, додавајќи дека три години Ардеј бил „изложен на кампања на постојано малтретирање… од оние кои не бирале средства во обидот да го поткопаат“.
Дебора Прентис, проректорот на Кембриџ, која претходно најави дека универзитетот ќе ги истражи околностите околу вработувањето на Ардеј, изјави дека е „длабоко нажалена“ од веста.
При повлекувањето од функцијата професор по социологија на образованието, Ардеј во изјава напиша дека „непрестајните обвинувања, шпекулации и јавни коментари оставија длабоки последици врз мене и врз оние што ги сакам“. Тој рече дека неговото повлекување не треба „да се толкува како прифаќање на наративите што се ширеа околу мене“. Тој ги негираше обвинувањата за плагијат, но призна дека направил одредени грешки при работата на својот докторат.



