Бугарија има еден месец да реши што ќе прави со рафинеријата „Лукоил Нефточим“ во Бургас, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков, откако САД вчера воведоа санкции за оваа руска нафтена компанија, заедно со „Роснефт“.
„Рафинеријата во Бургас е дел од системот ‘Лукоил Русија‘, кој поседува повеќе од 50 проценти од рускиот ‘Лукоил‘, па затоа рафинеријата подлежи на овие санкции“, појасни Жељазков.
„Лукоил Нефточим“, најголемата рафинерија во Југоисточна Европа, е клучен стратешки објект и игра важна улога во енергетскиот систем на Бугарија, поради што американските санкции за „Лукоил“ покренаа политичка дебата во земјата.
„Бугарија мора да донесе одлука до 21 ноември, но рафинеријата мора да продолжи да работи. Сакам веднаш да кажам дека ова не ги попречува производството и снабдувањето со нафтени производи, бидејќи рафинеријата долго време не работи со руска нафта“, рече Жељазков.
Запрашан за можноста рафинеријата да биде запалена, како што се случи во Романија, Унгарија и Словачка, Жељазков рече:
„Министерството за внатрешни работи и Државната агенција за национална безбедност ги презедоа сите потребни мерки за да се спречи саботажа“.
По неколку месеци одбивања, Доналд Трамп вчера објави дека воведува санкции против руските државни нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“ поради одбивањето на Владимир Путин да ги запре борбите во Украина на сегашните линии на фронтот. Путин призна дека новите санкции би можеле да предизвикаат економски проблеми, опишувајќи ги како „непријателски чин што не придонесува за зајакнување на руско-американските односи“.
„Ова е обид за вршење притисок врз Русија, но залудно. Ниту една земја која се почитува себеси никогаш не прави ништо под притисок. Иако новите санкции нема да имаат значително влијание врз Русија, сепак се очекуваат некои загуби“, рече Путин.



