Најмалку десет луѓе загинаа во Флорида во налетот на ураганот Ијан, кој го погоди брегот завчеравечер и големата потрага и спасувачките напори продолжуваат, додека властите стравуваат дека бројот на жртвите би можел да биде значително поголем.
Претседателот Џо Бајден изјави дека Ијан би можел да биде најсмртоносниот ураган во историјата на Флорида. Тој сега е преселен на копно и се движи кон Северна и Јужна Каролина. Без струја и натаму се околу 2,2 станбени и деловни објекти во Флорида.
Властите кажаа дека надоаѓањето на водата било толку сериозно што некои луѓе останале заглавени во своите домови. Сите потврдени загинати се во југозападниот округ Шарлот, каде што имало многу насилни ветрови.
„Жестоките ветрови траеја непрекинато 12 часа, беше брутално“, изјавија локалните власти.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, изјави дека уништувањето во Форт Маерс, во чија што близина беше центарот на ураганот, е неописливо.
„Од сите места што ги имам видено, мислам дека најголемите штети се во Форт Маерс. Некои домови се збришани“, кажа ДеСантис.
Ијан ја погоди Флорида како ураган од четврта категорија, носејќи ветрови до 240 километри на час и поројни дождови, што за неколку метри го покачи нивото на водата. Силината на ветровите моментално е 140 километри на час.