Властите на Хонгконг објавија дека е завршена спасувачката операција по големиот пожар во кој изгореа седум станбени висококатници, при што околу 200 луѓе и натаму се водат како исчезнати. Бројот на загинати порасна на 128, од кои само 39 се идентификувани досега, а најмалку 79 луѓе се повредени.
„Пожарот е изгаснат и спасувачката операција е завршена. Сега почнува истрагата, која би можела да трае три-четири недели“, изјави секретарот за безбедност на Хонгконг, Крис Тенг.
Станбениот комплекс „Ванг фук корт“, кој се состои од осум згради високи по 31 кат, бил во фаза на реновирање кога избувнал пожарот пред два дена, најверојатно на бамбусовите скелиња со кои биле окружени зградите.
Енди Јеунг, шефот на противпожарните служби на Хонгконг, изјави дека пожарникарите утврдиле дека противпожарните аларми во сите згради не работеле добро. Пожарот почнал во една зграда и потоа брзо се проширил на шест други благодарение на бамбусовите скелиња. Тенг кажа дека брзото ширење на пожарот се должи и на стиропорот поставен кај прозорците на станбените блокови.
На пожарникарите им требаа повеќе од 24 часа за да го стават пожарот под контрола, но и по два дена, чад и натаму излегува од изгорените згради. Во операцијата учествувале 2.300 пожарникари и медицински лица.
Нејасно е уште колку луѓе би можело да има во зградите. Отворен во 1983 година, комплексот имал речиси 2.000 станови со околу 4.800 жители.
Во врска со пожарот, досега се уапсени три надлежни лица од една градежна компанија, чие име не е објавено, а почната е и друга истрага за корупција.



