Најмалку 15-мина загинаа во пукотниците во трговски центар во Ел Пасо, на границата на Тексас со Мексико, а 21-годишен маж е уапсен во врска со нападот. Полицијата вели дека уапсениот е Патрик Крусиус, од околината на Далас.
Од болницата велат дека 23 луѓе се повредени и се задржани на лекување. Ова не е конечната бројка на загинати, оти истрагата е во тек и уште се пребројуваат жртвите.
Повеќето од жртвите се застрелани во „Волмарт“ до трговскиот центар, во кој во тоа време имало околу 3.000 луѓе на шопинг пред почетокот на школската година и околу 100 вработени.
Ел Пасо, град со околу 680.000 жители, е во Западен Тексас и на другата страна од границата со градот Хуарез, Мексико.
Нападот во Ел Пасо се случи една недела откако 19-годишник пукаше на фестивал за храна во Калифорнија, при што загинаа тројца, а 13-мина беа повредени.