Володимир Зеленски тврди дека најмалку 155 кинески граѓани се борат во редовите на руската војска против Украина. Ова се првите директни обвинувања од Киев дека Кина ја помага Русија со војници и доаѓаат откако двајца Кинези биле заробени во Доњецк оваа недела.
„Многу повеќе кинески граѓани се вклучени во војната, што е засновано врз информации собрани од владата“, рече Зеленски.
Кина претходно негираше дека многу нејзини граѓани војуваат за Русија.
„Сѐ уште ја проверуваме релевантната ситуација со Украина, но се чини дека кинеските војници дејствуваат во приватно својство. Сакам да нагласам дека кинеската влада секогаш бара од кинеските граѓани да се држат подалеку од областите на воен конфликт и да не се вклучуваат во вооружени конфликти“, изјави претходно портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Лин Џијан.
Зеленски изјави дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјални мрежи и дека кинеските власти се свесни за тоа. Според него, кинеските регрути се обучуваат во Москва и добиваат мигрантски документи и плата, пред да бидат испратени на бојно поле во Украина.
„Ова е сериозен проблем. Нашите разузнавачи идентификуваа 155 кинески граѓани со презимиња и податоци од пасоши. Тие се борат против Украина на украинска територија“, рече Зеленски.
САД ги опишаа овие украински наводи како вознемирувачки. Вашингтон претходно го обвинуваше Пекинг дека ја помага руската војска со муниција, проектили и оклопни возила и дека извезува компјутерски чипови и дронови во Русија.