Најсмртоносниот земјотрес што го погоди Мексико во последните три децении однесе најмалку 248 животи, вклучувајќи и 21 дете, кои загинаа при уривањето на едно основно училиште во главниот град Мексико Сити.
Земјотресот со силина од 7,1 степен според Рихтеровата скала го погоди централното Мексико во вторникот вечер и предизвика значителни штети во Мексико Сити, каде што над 40 згради беа срамнети со земја.
Претседателот Енрике Пења Нието го посети уништеното училиште, потврдувајќи дека од урнатините се извлечени 22 тела, но и дека 30 деца и уште осуммина возрасни се уште се водат како исчезнати на истата локација.
Епицентарот на земјотресот бил 4,5 километри североисточно од градот Сан Хуан Рабосо во државата Пуебла, соопшти Геолошкиот институт на САД.
„Се соочуваме со ситуација на национална итност“, изјави претседателот Нието.
Ова се случи токму на денот кога низ државата се одбележуваше 32-годишнината од катастрофалниот земјотрес, во кој загинаа над 10.000 луѓе само во Мексико Сити. Пред само две недели, Мексико го погоди и моќен земјотрес од 8,1 степен, кој остави 90 мртви.