Бројот на загинати во најсилниот земјотрес во Албанија во последните 40 години порасна на 25, додека меѓународните спасувачки тимови продолжуваат да ги пребаруваат урнатините.
Властите потврдија дека ноќеска се пронајдени уште четири тела, додека над 600 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала, чиј епицентар бил на 35 километри северозападно од главниот град Тирана.
Силен подводен земјотрес од 6,0 степени утрово ја погоди и Грција, но нема информации за жртви и голема материјална штета. Епицентарот бил во близина на островот Крит и тој се почувствувал и во Атина.
Во Драч, вториот најголем град во земјата, жителите ја поминаа ноќта во шатори, автомобили или на стадионот откако продолжија моќни афтершокови и вкупно се регистрирани повеќе од 250. Премиерот Еди Рама вети дека потрагата по преживеани ќе продолжи трпеливо и до самиот крај.
„Се чувствуваме подобро затоа што знаеме дека не сме сами. Многу сме им благодарни на сите наши пријатели кои помагаат“, рече Рама при посетата на Драч заедно со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас.
Освен Албанија, ден на жалост прогласи и Косово, бидејќи меѓу загинатите има и неколку негови државјани.