Речиси 300 луѓе се водат како исчезнати по денешниот пожар во Хонгконг, кој зафати седум висококатници од станбен комплекс. Досега е потврдено дека загинале најмалку 36 луѓе, вклучувајќи еден пожарникар, а со 279 лица не може да се стапи во контакт.
Властите кажаа дека пожарот и натаму е активен, иако полека го ставаат под контрола. Во гаснењето учествуваат повеќе од 800 пожарникари со 140 противпожарни возила.
„Во три згради веќе нема знаци на оган“, изјави извршниот шеф на Хонгконг, Џон Ли.
Отворена е истрага за причините за пожарот. Официјални лица кажаа дека брзината со која се ширел огнот е невообичаена. Комплексот бил во фаза на реновирање, па целиот бил окружен со бамбусови скелиња и се верува дека таму избувнал пожарот.
Стотици жители се евакуирани во привремени засолништа, а во болница се десетици луѓе, од кои некои се во критична состојба.
Довршен во 1983 година, комплексот „Ванг фук корт“ се состои од осум згради високи по 31 кат. Содржи 1.984 станови, во кои живеат над 4.600 луѓе, од кои една третина се постари од 65 години, според владини податоци.



