Се стравува дека најмалку 50 луѓе се загинати во големите шумски пожари во близина на Атина, додека Грција се соочува со најголемата огнена криза во последните десетина години.
Според Црвениот крст, 26 тела се пронајдени во близина на селото Мати, кое се смета за средиште на катастрофата што ја погоди земјата.
„Телата се пронајдени во поле, на некои 30 метри од плажата. Тие се обиделе да избегаат со своите деца, но не успеале“, кажа Никос Економопулос од грчкиот Црвен крст.
Пред ова трагично откритие, официјалната бројка на мртви беше 24.
Грчките власти побараа меѓународна помош во хеликоптери и пожарникари и сѐ уште се трага по десет туристи кои со брод избегале од еден пожар.
„Ќе сториме сѐ што е во нашата моќ да ги ставиме пожарите под контрола“, изјави премиерот Алексис Ципрас, кој поради ситуацијата ја прекина посетата на БиХ.
Во гаснењето на пожарите учествуваат стотици пожарникари, кои ја опишуваат ситуацијата како „екстремно тешка“.
Најмалку 104 луѓе се повредени, од кои 11 се критично. Меѓу жртвите, 16 се деца.
„Среќа што морето беше во близина, па влеговме во вода. Огнот изгоре сѐ позади нас и моравме да бегаме за да се спасиме“, изјави Костас Лаганос, кој ја преживеа катастрофата во Мати.
Пожарите избувнаа западно и северно од Атина како резултат на високите температури, па се проширија со голема брзина со помош на силните ветрови. Премиерот Ципрас прогласи вонредна состојба за регионот Атика.