Бројот на загинати во вчерашниот терористички напад близу Москва порасна на 60, а 145 луѓе се ранети. Одговорноста за нападот во концертната сала „Крокус“ ја презеде Исламска држава, која кажа дека напаѓачите успеале да избегаат.
Во најсмртоносниот напад во Русија од опсадата на училиштето во Беслан во 2004, најмалку четворица напаѓачи пукаа во цивилите во салата пред почетокот на концертот на руската рок група „Пикник“, која требало да настапи пред 6.200 фанови. Потврдени видеоснимки покажуваат луѓе како седнуваат на своите места, пред да почнат панично да бегаат кон излезите.
Руските истражители кажаа дека се убиени најмалку 60 луѓе, но предупредија дека бројот на мртви би можел да расте.
Судбината и идентитетот на напаѓачите се непознати, во услови кога пожарникарите се бореа со огромен пожар, а итните служби евакуираа стотици луѓе од салата, на која се урна дел од покривот. Гувернерот на Москва, Андреј Воробјов, изјави дека пожарот во најголем дел е изгаснат.
„Итните служби успеаја да влезат во аудиториумот, каде што е убиен најголем број луѓе“, кажа Воробјов.
Меѓу убиените се најмалку пет деца, а освен автоматско оружје, напаѓачите користеле и експлозив. Регистрирани се најмалку две експлозии во салата, објавија руските медиуми.
Украина веднаш ја негираше својата вмешаност во нападот, додека Белата куќа соопшти дека нема причини за сомневање во тврдењето на Исламска држава.
„ИСИС-Корасан беше фиксирана на Русија во последните две години и постојано го критикуваше Путин во нејзината пропаганда“, изјави аналитичарот Колин Кларк од центарот „Суфан“.